Hotmail стана Outlook: новата мејл-платформа на Microsoft е достапна за сите

Мicrosoft објави дека неговата мејл-платформа Outlook.com од денеска (19 февруари) излегува од бета-фазата и станува достапна за сите интернет корисници.  Новата платформа првпат беше претставена минатото лето, а таа според аналитичарите е одговорот на Microsoft на експанзијата на најголемиот конкурент Google, Gmail. Outlook.com ќе го замени досегашниот сервис Hotmail, кој заминува во историјата, 16 години откако Microsoft го купи во 1997.

Од компанијата велат дека ќе ги префрлaт корисниците кон новиот сервис „наскоро“, но и дека нема да ги принудува да ги сменат нивните мејлови со „outlook.com“ адреса. На корисниците ќе им бидат префрлени сите пораки, лозинки, фолдери, контакти и поставувања, без каков било прекин во услугата, велат од Microsoft. Од софтверскиот гигант соопштија дека 60 милиони луѓе во моментов активно го користат outlook.com

За да ја одбележи промоцијата, Microsoft ja започна најголемата глобална маркетиншка кампања за еден мејл-производ, со две видеа – во едно од нив се акцентира опцијата „sweep“, со која се нуди чистење на инбоксот на корисникот преку масовно бришење, преместување и архивирање на пораките.