Иако во последните неколку години бележи мал пораст, годишниот буџет за онлајн рекламирање во земјава е поразителен и се уште е меѓу најниските во Европа, коментираат познавачите за Радио МОФ.
Според истражувањето на Httpool Macedonia и Ipsos Strategic Puls, во 2012-та година во земјава биле потрошени околу два милиони евра на онлајн реклами. Оваа бројка сепак е далеку помала од реалните пари, бидејќи бруто сумата е добиена врз основа на ценовниците на сајтовите и во неа не се опфатени попустите и компензациите помеѓу компаниите и медиумите.
Директорот на маркетинг агенцијата „New moment“, Сашо Пешев за Радио МОФ вели дека реалните пари кои во моментот се „вртат“ во онлајн огласувањето во земјава се многу помали поради попустите кои ги даваат сајтовите, кои некогаш достигаат и до 50%.
„Засега онлајн огласувањето не преминува буџет од еден милион евра, што е многу малку. Ова е едноцифрен процент, кој веројатно е еден од најмалите во Европа и би требало со сигурност да биде двоцифрен, како што е во сите поголеми и поразвиени земји во Европската унија. Во скандинавските земји и во Велика Британија, процентот на рекламирање на Интернет е над дваесет проценти од вкупниот маркетинг буџет. Наш таргет би требало да биде минимум седум, осум проценти, колку што е во најслабите држави во соседството, како што се Србија, Грција, Бугарија, а за неколку години таргетот би требало да ни биде 10 проценти“, вели Пешев.
Izjava na Sasho Peshev, direktor na New Moment by Radio Mof on Mixcloud
Според него, како што ќе расте маркетинг буџетот во Македонија, паралелно ќе расте и процентот на он ајн огласувањето и многу скоро тој ќе достигне два милиони евра.
Иако истражувањето открива дека онлајн рекламирањето бележи пораст од 300 илјади евра во споредба со бруто буџетот од 2011 година и 700 илјади евра во споредба со 2010-тата година, познавачите сметаат дека овие бројки се разочарувачки.
„Бројката за целокупниот колач на онлајн рекламирање во Македонија е поразителна, а не охрабрувачка, во време кога огласувањето на интернет во светски рамки се зголемува и бележи до 20 и 30 проценти на светско ниво од целокупниот колач за огласување“, вели Славица Поп Тонева, претседател на Здружението за интерактивно огласување – ИАБ Македонија за Радио МОФ.
Izjava na Slavica Pop Teneva by Radio Mof on Mixcloud
Според Филип Стојановски од фондацијата „Метаморфозис“, ако истражувањето се спореди со податоците кои циркулираат за 2009-тата година, постои напредок.
„Сепак обемот на целиот пазар останува мал, особено ако се спореди со парите што се вртат при огласување преку традиционалните медиуми, особено телевизиите“, додава тој.
Според истражувањето во кое биле опфатени сите релевантни македонски интернет –медиуми и веб страници, најмногу се рекламирале компании од телекомуникацискиот сектор, транспортот и од секторот услуги. Најмалку реклами имале банките, осигурителните друштва и менувачниците, компаниите од индустријата, земјоделството и енергетиката, како и политичките партии и хуманитарните акции.
Кристина Озимец