Промоција на истражување за работата на Агенцијата за млади и спорт

Младински образовен форум најави промоција на новото истражување насловено „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“ на 30-ти јануари 2018.

Настанот ќе се одржи во Агенцијата за млади и спорт (8ми кат) со почеток во 12 часот.

Минатата година, МОФ работеше на првиот мониторинг на работата на Агенцијата за млади и спорт (АМС), кој го опфати периодот 2014-2016 година. Преку алатките барања за пристап до информации од јавен карактер, прашалник за мерење на перцепцијата на младинските организации и младите за работата на Агенцијата за млади и спорт и фокус групи тие добиле податоци за АМС за соработката со младинските организации, државните институции, правната рамка и внатрешното уредување и работење.

Агендата на настанот е следна:
Презентација на истражувањето и отворање на настанот
– Александра Филипова и Мартина Илиевска, МОФ, Презентација на истражувањето
– Воведно обраќање, Александра Дичевска, Агенција за млади и спорт

Панел дискусија: Соработка на Агенцијата за млади и спорт со институциите, младинските организации и младите
– Сафет Незири, Министерство за образование и наука
– Младен Фрчковски, Министерство за труд и социјална политика
– Горан Ѓорѓиев, Сојуз на извидници на Македонија
– Матеј Маневски, Центар за интеркултурен дијалог

Проектот „Мониторинг и унапредување на работата на Агенцијата за млади и спорт“ е реализиран од страна на Младински образовен форум во периодот од јуни 2017 до јануари 2018 година. Проектот е поддржан од проектот “Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации”, имплементиран од “Фондација Отворено општество – Македонија” (ФООМ) и “ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии”, и е финансиски поддржан од Европската унија во рамки на IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015.