Акција за ноќни посети на бездомниците кои престојуваат на отворено на ниските температури

Невладината организација „Легис“ започна волонтерска акција за помош на бездомните лица.

Целта на акцијата е преку ноќни посети на бездомниците кои не се сместени во дневниот прифатен центар, да им помогнат да ги стоплат со чај и супа.

Тие преку социјалните мрежи ги повикуваат сите граѓани да ги известат доколку имаат информација за локации каде се забележани бездомници, да донираат чај, термоси и супи.

„Сите што сакаат да одвојат по некој час неделно да се вклучат, нека ни се обратат по порака во инбокс“, стои во повикот за акција на нивната Фејсбук страница.

Покрај „Легис“, отворена линија за пријавување на бездомни лица кои се приморани да спијат на отворено за време на ниски температури има и Црвениот крст на Град Скопје. Граѓани може да ги контактираат волонтерите на бројот 02- 3096 227.