Месец на бугарски филм во Кинотека

Во текот на месец февруари во Кинотека на Македонија тековно ќе се прикажуваат филмски остварувања од Бугарија.

Филмската програма содржи осум филмови, од кои два се документарни филмови, а останатите се играни филмови.

Првата проекција ќе се одржи на 1 февруари, додека последната на 25 февруари.

На 01 февруари прво ќе биде прикажан документарниот филм „Пијте само шуменско пиво“ во режија на Спас Тотев, а потоа и играниот филм „Лузери“ во режија на Ивајло Христов.

На 8 февруари (четврток) на програмата е филмот „Мајмун“ во режија на Димитар Коцев – Шошо, на 15 февруари ќе биде прикажан филмот „Слава“ на режисерите Кристина Грозева и Петар Валчанов, додека на 22 февруари ќе може да се погледне кинотечен филм по избор на Петар Карџилов.

Станува збор за „Скршнување“ во режија на Гриша Островски и Тодор Стојанов, по сценарио на Блага Димитрова. Следниот ден, на 23 февруари (петок) следува проекцијата на документарниот филм „Мал-голем“ во режија на Јасен Григоров.

Следните две проекции ќе донесат наслови кои веќе ѝ се познати на македонската публика. На 24 февруари ќе биде прикажан филмот „Насоки“ во режија на Стефан Командарев, филм во кој и Македонија учествува како копродуцент преку продукцијата „Сектор филм“, додека на 25 февруари (недела) ќе биде прикажан, веројатно, најпознатиот бугарски филм во последниве години „Мисија Лондон“ во режија на Димитар Митовски, филм во чија продукција учествуваат Бугарија, Велика Британија, Шведска, Македонија и Унгарија.