Активистите на „Чист Охрид“ денеска ја исчистија тревната површина зад гимназијата „Св. Климент Охридски“.
Сликата што ја забележале на терен, како што велат, е прилично загрижувачка и според нив потребно е итно да се работи на свеста на учениците и училиштето, но и на граѓаните.
„Најголем дел од отпадот се состоеше од амбалажа од сокови, мали чоколади и слични производи. Исто така, како и на други локации, можеше да се види дека отпадот стои таму подолго време, па зеленилото го имаше најдено својот пат над него. Нашата волонтерска екипа собра седум големи вреќи отпад, што мораме да истакнеме дека е алармантно со оглед на тоа дека се работи за мала површина, а фактот што се работи за училиште јасно покажува дека има огромна потреба од едукација на учениците, за кај нив да се развие свест и грижа за животната средина“, информираат од „Чист Охрид“.
Тие истакнуваат дека на тој простор нема поставено ниту една канта за отпадоци, а воедно апелираат до надлежните да бидат поажурни во справувањето со проблемот со отпадот кој го има Охрид.