Бруно Марс и Кендрик Ламар ги освоија најголемиот дел од музичките награди „Греми“ за 2018 година, на вечерта која помина во знакот на давање почит кон жртвите на сексуално насилство.
Марс победи во сите шест категории за кои беше номиниран, освојувајќи ги и трите најпрестижни награди: за најдобар албум, сингл и песна на годината.
Ламар победи во рап категориите, додека Алесија Кара победи во категоријата „музичар-дебитант“, единствената жена која освои некоја од најпрестижните награди годинава. Од вкупно 86 награди, само 17 добија жени или бендови предводени од женски музичари.
Родовата нерамноправност беше особено несоодветна на вечерта која помина во знакот на #MeToo и #TimesUp кампањите против сексуалната злоупотреба и родовата нееднаквост.
Голем дел од музичките уметници пристигнаа на церемонијата носејќи бела роза симболизирајќи ја поддршката за движењата.
Поп ѕвездата Кеша имаше моќен настап со нејзината песна „Praying“, во која тема е нејзиното лично искуство на жртва на злоупотреба.
„Доаѓаме во мир, но нема да бидеме мирни. На оние кои се осмелуваат да не замолчат, им нудиме два збора: времето истече (Time`s Up). Кажуваме дека времето на нерамноправните плати, дискриминацијата, малтретирањето од секаков вид и злоупотребата од позиција на моќ истече. Ајде да работиме заедно, жени и мажи, како обединета музичка индустрија посветена на создавање посигурна работна околина, еднакви плати и достапност за сите жени“, рече Р&Б ѕвездата Џанел Мона најавувајќи го настапот.
На вечерта беше оддадена почит и на жртвите кои минатата година загинаа во трагичните настани, кога напаѓачи пукаа во публиката на концертите во Манчестер и Лас Вегас.