Јавна дискусија на тема „Основање на Национален Младински Совет‘‘ ќе се одржи во вторник (26 февруари) во просториите на „Даре Џамбаз“ во Скопје, со почеток во 12.00 часот. Настанот претставува презентација на сработеното од страна на Иницијативниот Одбор за формирање Национален Младински Совет со цел да поттикне и отвори дискусија во врска со изложеното.
Поканети на настанот се претставници на невладиниот сектор, релевантните државни институции, како и претставници од повеќето амбасади и конзулати во РМ. Иницијативниот Одбор за формирање на Национален Младински Совет е тело составено од 16 невладини организации.
Самиот Одбор беше формиран за време на Деновите на младинско вмрежување, кои се одржаа во Дојран, од 25-28.10.2012. Учествуваа 39 младински организации и организации за млади коишто заедно ја поставија основната предлог структура на идниот Совет. Иницијативниот Одбор го доби мандатот да ја разработи и усоврши, како и да го подготви Основачкото Собрание.
Целта на претстојните јавни дискусии е сослушување на конструктивни критики и предлози од сите чинители кои ќе бидат засегнати со Националниот Младински Совет. Иницијативниот Одбор, како координативно тело, ќе ги вклопи собраните мислења од дискусиите во предлог документите и структурата кои ќе бидат претставени на Основачкото Собрание. Од овие причини, веруваме дека Вашето присуство е од непроценлива важност за функционирањето и успешноста на процесот, како и за изградба на легитимитетот на еден постојан Национален Младински Совет.