„Нашето наследство – Европска вредност“ – Лансирана македонската програма за Европската година на културното наследство

„Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“ е мотото со кое Управата за културното наследство на Република Македонија денес ја лансираше годишната програма за одбележување на Европската година на културното наследство 2018. Со тоа, земјава се придужува на семејството настани кои ќе се одржат на европско ниво во рамките на оваа иницијатива.

Под слоганот ,,Нашето наследство – Европска вредност!“ програмата за 2018 година содржи бројни активности и настани за популаризација на македонското културно наследство, негово приближување до пошироката јавност преку јавни презентации, промоции и едукативни настани за деца, млади и студенти. Предвидено е да бидат публикувани значајни изданија за културното наследство, организација на стручни настани во вид на работилници и обуки за вработените во институциите за заштита на културното наследство, но и за граѓанскиот сектор и локалните заедници.

Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова-Митевска, на свеченото отворање на овој настан истакна дека сите активности и настани кои ќе бидат спроведени, се дел од законските обврски и надлежности на Управата, а една од клучните цели на овогодинешната програма, ќе биде и доближување на работата на Управата до пошироката јавност и до граѓаните, со цел јакнење на граѓанската свест за значењето на културното наследство. Истовремено, Петрова – Митевска нагласи дека преку промовирање на европските вредности, стандарди и нови текови во заштитата на културното наследство, Управата ќе даде и свој придонес кон приближувањето на Македонија до Европската Унија.

Министерот за култура во Владата на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски го истакна своето задоволство од иницијативата Република Македонија да им се придружи на земјите-членки на Европската Унија во прославувањето и одбележувањето на Европската година на културното наследство 2018.

,,Една од врвните приоритети на Министерството за култура на Република Македонија е културното наследство, негова заштита и промовирање на неговите европски вредности, а начелото за европеизација на македонскиот културен контекст е едно од клучните во новата стратегија за културен развој. Министерството за култура во целост ќе ја поддржи Управата за заштита на културното наследство во спроведувањeто на активностите во рамките на Годишната програма за одбележување на Европската година на културното наследство, препознавајќи ги бенефитите кои ќе произлезат од нивната реализација за севкупниот општествен контекст“, изјави Алаѓозовски.

Почетокот на прославувањето на Европската година на културното наследство во Македонија официјално го означи Самуел Жбогар, Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава.

„Во текот на 2018, низ цела Европа ќе се прославува разновидното културно наследство. Се надеваме дека активностите организирани во рамките на Европската година на културното наследство ќе охрабрат повеќе луѓе да го откриваат и да се вклучат во културното наследство на Европа, со цел да го зајакнат своето чувство на припадност на заедничкиот европски простор“, изјави Жбогар.

Амбасадорот исто така најави дека Европската Комисија развилa концепт наречен Рути за културно наследство ЕУ-Западен Балкан, во чии рамки Делегацијата на  ЕУ поддржа 12 проекти со помали грантови кои ќе се вклучат во одбележувањето на Европската година на културното наследство низ земјава.

Сите активности во рамките на Европската година на културното наследство 2018, ќе можат да бидат следени на официјалната веб локација на Управата за заштита на културното наследство www.uzkn.gov.mk и на социјалните мрежи.

Програмата ќе се реализира со финансиска помош од Министерството за култура на Република Македонија и со сопствени буџетски и човечки ресурси на Управата за заштита на културното наследство.