Во Македонија не постои официјално истражување кое ќе го измери нивото на финансиска писменост кај младото и возрасното население. Сепак, впечатоците на Народната банка се дека кај младите е потребно дополнително формално и неформално финансиско образование, бидејќи она што е достапно преку училишните предмети не е доволно. Децата на возраст од 6 до 11 години воопшто не знаат од каде доаѓа македонскиот денар. Младите над 12 години, пак, имаат само делумно познавање, односно знаат што се парите, но не ја знаат нивната функција во економијата.
По завршувањето на средното образование, завршува и процесот на финансиско описменување, освен за оние млади кои ќе продолжат на некој од економските факултети, забележува Кристина Павлеска, помошник на гувернерот за финансиска едукација и претседател на Координациското тело на реглаторните институции за финансиска едукација во Македонија.
Народната банка изминатите пет години го спроведува проектот за финансиска едукација преку разни активности како интерактивни предавања, студиски посети, објава на разни едукативни материјали… Токму неодамна беа објавени две брошури наменети за младите да се информираат и да научат нешто повеќе за историјата, потеклото и употребата во сегашноста на парите, како и за предностите на штедењето и управувањето со парите.
„Финансиското образование треба да се воведува на што е можно помала возраст кај младите, од причина што на тој начин постепено позитивно се менува нивното поимање и нивните навики пред се за парите, како и за личните финансии“, вели Павлеска во интервју за Радио МОФ.
„Финансиското образование не не учи само за вредноста на парите и финансиските средства, односно за материјалниот свет, туку за целиот систем на вредности, пример како да заработиме за да помогнеме некому“, додава таа.
Според Павлеска, потребно е младите да знаат дека не би требало да трошат повеќе пари отколку што поседуваат, односно тие треба да бидат способни да направат личен финансиски буџет, да знаат што се приходи, а што се расходи и како да умеат да ги селектираат правилните приоритети во однос на трошењата. Клучно за одржување на добра финансиска состојба е тие да знаат и да умеат да штедат, смета таа.
„Неизбежен дел од сечиј живот е управувањето со финансите, а пред се, со личните финансии. Тие претставуваат индикација за тоа колку некој владее добро со сопствените финансиски срества, има финансиска самоконтрола, и знае да го одбере оној финансиски производ кој најмногу му одговара според потребите, во исто време незагрозувајќи ја својата финансиска иднина“, појаснува Павлеска.
„Личните финансии се сведуваат на тоа да направиме паметен финансиски избор разбирајќи ги сите потенцијални финансиски придобивки, ризици и последици од изборот што сме го направиле. Ако постигнеме да ја оствариме нашата финасиска цел, поголеми заштеди во текот на одреден временски период, ние сме успеале да поставиме баланс помеѓу потребите, желбите и трошоците. Секогаш постојат непредвидени трошоци, но токму затоа потребни и ни се заштедите“, заклучува Павлеска.
Во однос на штедењето, таа напоменува дека тоа не значи само оставање на дел од приходите на страна (во банка или „под перница“), туку и да се направи финансиски план, на краток или долг рок. Потребно е, смета таа, секој поединец да си ги постави прашања – Што понатаму со парите? Што со нашите заштеди? Постои ли можност за нивно инвестирање?
„Генерално, штедењето како поим им е познато на младите, и голем дел од нив умеат и практикуваат да штедат со тоа што оставаат пари на страна, но значително помал дел од нив штедат на штедна сметка во формална финансиска институција или банка“, вели Павлеска.
Финансиската писменост доаѓа од институциите и домашното воспитување
Целта на Народна банка, како што вели Павлеска, е што поголем број на информации од финасискиот сектор да допрат до младите за да можат да го извлечат тоа што им е најпотребно и да сфатат дека финансиското образование е многу важен сегмент од нивниот живот. Во таа насока, се организира Глобалната недела на пари која се одржува во втората недела од март кога се посетуваат училиштата низ државата. Потоа, 31 октомври – Светскиот ден на штедењето кога се објавува конкурс за учениците од основното и средното образование за избор на најдобра литературна и ликовна творба на тема „И јас умеам да штедам“, како и Денот за финансиска едукација во Македонија во мај кога на едно место се среќаваат сите финансиски институци и регулатори за да ги претстават своите програми во полето на финансиската едукација пред учениците и студентите.
„Во формалното образование на основните и средните училишта постојат одредени училишни предмети кои имаат делови што таргетираат финансиско образование, иако според нашите проценки тоа не е доволно со оглед на нивото на финансиска писменост кај младите. Додека во средните економски училишта и на економските факултети низ Републиката се нуди финансиска писменост на младите кои се определиле да учат во оваа област. По наше видување и кај другите регулаторни институции, останатите млади од другите струки имаат потреба од дополнителна финансиска едукација“, вели Павлеска.
Како правилно да се планира и инвестира?
„Планирањето на сопствениот буџет ќе ги наведе младите на размислување какви приоритети тие имаат поставено, а какви приоритети реално треба да имаат пред себе“, смета Павлеска.
„Ако планирањето го практикуваат редовно, резултатите во однос на заштедите и трошоците значително ќе се подобрат“, вели таа.
Процесот на планирање опфаќа постепено наведување на сите приходи и расходи што еден млад човек може да ги има и ги има. Приходите и расходите се групираат во повеќе ставки и притоа се внимава на временскиот период при планирањето односно на краткорочните и долгорочните приходи и расходи.
„ За да имаат комплетна слика за тоа колку заработуваат и колку трошат младите во текот на одреден временски период, потребно е да ги наведат сите елементи и да не ги изостават и најмалите трошоци. При планирањето потребно е да направат разлика помеѓу потребите и желбите, бидејќи потребите се тие кои не можат да ги избегнат и едноставно мора да имаат доволно средства за нив. На пример доколку се случи при пресметките да излезе дека немаат доволно финансиски средства нити за нивните потреби, тогаш желбите би било пожелно да ги остават на страна и да се фокусиаат на тоа како да ги подобрат нивните финансии. Најдобро е пред да почнат да планираат во идно време, да направат една кратка ретроспектива за некој изминат период за да можат да споредат и да го почувствуваат подобрувањето во нивното однесување со финансиите (парите), или нивната финансиска дисциплина“, советува Павлеска.
Инвестирањето, пак, по дефиниција претставува одложување на моменталната потрошувачка со одреден принос после подолг временски период. Но, и обичните заштеди во банка може да претставуваат еден вид на инвестирање, образложува Павлеска.
„Постојат разни начини за инвестирање на финансиските средства. Од инвестиции со мал ризик и мал принос, до инвестици со голем ризик и голем принос. Широко познатите видови инвестиции можат да бидат во недвижен или движен имот, во хартии од вредност, во банки, во инвестициски фондови, и други. Во денешно време со технолошкиот напредок, интернетот, ФинТек индустријата, финанските деривати, појавата на криптовалутите и појавата на новите финансиски институции, постојат премногу опции за инвестирање, меѓутоа не секоја инвестиција е правилен избор во секое време. Младите потребно е да внимаваат при селектирањето на одредени начини за инвестирање на нивните финансиски средства, подобро е да одберат инвестиција што ќе носи помал принос и нивните вложени средства ќе бидат сигурни, отколку да ризикуваат да ги загубат вложените средства по одредени основи“, посочува таа.
Според Павлеска, најважно е младите да знаат да ја препознаат точната информација и да бираат сигурни и формални начини на инвестирање за сопствените средства. Затоа, Народна банка во моментов подготвува книга со наслов „Смислата на парите“ која претставува водич за паметно управување со парите, што треба да им помогне на младите да станат поинформирани во доменот на управувањето со финансиите.
Емилија Петреска