Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска најголема дискусија покрена за предлогот за одземање на дозволата на универзитетското радио „УГД ФМ“ при универзитетот Гоце Делчев од Штип, пишува Мета.
Како што кажа членот на Советот на ААВМУ, Зоран Фидановски, „жалосно е што ова непрофитно радио се наоѓа во таква состојба, затоа што станува збор за добро опремена куќа во која се обучуваат дел од студентите“. Тој изрази надеж дека универзитетот ќе најде сила во рок од 15 дена да плати за дозволата.
Според Зоран Трајчевски, директорот на АВМУ, може и да се случило радиото да има испратено налог до Министерството за финансии, па ААВМУ да не е информирана.
„Можеби платиле. Сме имале такви случаи во минатото, со ненавремено префрлање средства, па ни праќале вирман. Да се надеваме дека и сега е така“, рече Трајчевски.
Инаку, ААВМУ почна постапка за одземање на лиценците на вкупно 15 радија и телевизии што не го платиле надоместокот за емитување. Претходно, бидејќи си го подмирила долгот во дополнителниот рок, беше запрена постапката за одземање на дозволата на телевизијата „Тера“ од Битола.
Од 15-те радија и телевизии, само две, радиото „Бум“ од Куманово и радиото „Аниса“ од Пласница подмириле дел од парите за годишната дозвола за емитување. Другите, телевизијата „Ера“ од Скопје, радиото „Канал 77“, телевизијата „Канал 1“ од Велес, телевизијата „К3“ од Куманово, телевизијата „Спектра“ од Лабуништа, радиото „Дуе“ од Гостивар, радиото „Акорд“ од Кичево, радиото „Лав“ од Охрид, радиото „Тет“ од Прилеп, радиото „Фама“ од Тетово и радиото „Ред ФМ“, добија рок од 15 дена да ги исплатат парите или почнатата обврска за одземање на нивните лиценци ќе биде финализирана.