Пакистан им забрани на медиумите да го промовираат Денот на вљубените

Пакистанскиот регулаторен орган за медиуми, постапувајќи по судски налог, ги предупреди сите телевизии, радио станици и печатени медиуми да не го промовираат Денот на вљубените.

Официјалните претставници на медиумите потврдија дека ја добиле наредбата.

Забраната првпат беше воведена минатата година откако Високиот суд во Иламабад го прогласи за „вулгарен културен увоз од Западот и против исламското учење“.

Многу млади во Пакистан, земја со огромно муслиманско мнозинство во која 60 отсто од населението е помладо од 39 години, во изминатите години ја прифатија традицијата, дарувајќи цвеќе, срца и слатки на 14 февруари.

Верско-политичките активисти и екстремните партии таквото однесување го сметаат за неморално.