Поради зголемените опасности со кои се соочуваат резервите од морска храна, неколку истакнати научници се залагаат за престанување на консумацијата на морска храна.
Морската храна игра традиционална и важна улога во исхраната во многу делови од светот, особено во островските нации во развој и крајбрежните заедници. Според „United Nations Food and Agriculture Organization“, во овие места рибата и школките надминуваат 50 проценти од вкупниот внес на животински протеин кај жителите. На светско ниво, 17 проценти од животинскиот протеин и 6,7 проценти од вкупниот годишно консумиран протеин отпаѓа на морска храна.
Резервите од морска храна се сѐ повеќе загрозени од климатските промени, прекумерниот риболов, пластичното загадување и уништувањето на живеалиштата. Зголемената побарувачка за морска храна ги интензивира деструктивните риболовни пракси и споредниот улов на морски животни. Заради ова некои научници за морскиот жив свет целосно престануваат да јадат морска храна и ги советуваат другите да го направат истото, или барем да размислат за рибата што ја јадат.
Познатата океанографка Sylvia Earle го стави ова прашање во центарот на вниманието кога во 2014 година отворено се изјасни против консумирањето морски животни.
„Сведоци сме на толку остар пад на популацијата на рибите кои ги консумираме, што јас лично одлучувам да не ги јадам повеќе,“ изјави таа во едно од своите интервјуа. „На крајот, тоа е избор.“ Earle исто така вели дека акумулацијата на токсини во телата на морските животни е уште една причина зошто избегнува да јаде морска храна.
И други научници за живиот свет во морињата избираат да не ги јадат животните кои ги проучуваат. Минатата година Laura McDonnell, истражувачки асистент за водена респираторна екологија на МекГил Универзитетот во Монтреал, објави есеј во „The Walrus“ во кој објаснува зошто престанала да јаде риба. Како и Earle, и таа вели дека е загрижена за можните здравствени ризици поврзани со јадење контаминирана риба.
„Во изминатите девет години имам видено, прочитано и слушнато што сѐ се случува со рибата пред да заврши во нашите порции,“ пишува McDonnell. „И сега, секогаш кога моите пријатели ќе порачаат суши, или татко ми ужува во неговите поховани рибји филети, или дури и кога мојата мачка ја јаде нејзината храна од риба, јас се вознемирувам – не само за рибите, туку и за моите најблиски.“
Таа вели дека иако некои луѓе го критикувале нејзиното пишување како екстремно, таа немала намера есејот да биде таков. „На крајот на денот, статијата не беше наменета за да ги засрамува луѓето или да ги тера да ја фрлат сета риба и одеднаш да престанат да ја јадат – беше напишана за да отвори дискусија за овие проблеми,“ изјави таа во интервју.
McDonnell нагласува дека многу луѓе живеат во големи градови подалеку од крајбрежјето што доведува до исклучување на луѓето од морските екосистеми на кои се потпираат за храна и други ресурси. Покрај тоа што нејзиниот есеј е наменет да ги натера луѓето да размислуваат за тоа како јадењето риба влијае врз нивното здравје, исто така има цел да ги натера да размислуваат и за импликациите од нивните активности кои ги повредуваат рибите, како на пример користење пластични кеси за една употреба.
„Ако пластичното загадување е толку голем проблем што има повеќе огромни дамки од отпад во океаните и морските животни од сите нивоа на ланецот на исхрана го внесуваат, што тоа кажува за нашиот начин на живот како луѓе?“ вели McDonnell. „Што треба да се промени?“
Lori Marino, претседател на „Whale Sanctuary Project“ и невронаучник кој се фокусира на морските животни исто така се откажала од јадење риба. Таа вели дека разидувањето на луѓето со океаните води до начин на живот кој може да ги повредува морските животни. Таа го истакнува случајот со американскиот лосос од северо-западниот Пацифик, чија што бројка е значително намалена заради големиот број брани кои пречат на патувањето на лососот при мрестењето од потоците до морето и назад. Како резултат, популацијата на локалните китови убијци кои јадат само риба исто така бележи огромно намалување на популацијата.
„Ние се натпреваруваме со други водни животни, како што се морските цицачи, за плен кога е тоа сосема непотребно,“ вели Marino. „И во многу случаи ние ги загрозуваме другите видови затоа што има ја земаме сета нивна храна.“
Marino, за разлика од McDonnell и Earle, е веган, што значи дека таа не консумира никаква животинска храна—ни риба, месо, јајца или млечни производи. Вели дека, за разлика од многу вегетаријанци кои не гледаат проблем со јадењето риба, таа избира да не го прави тоа затоа што исто како и копнените животни, тие се „свесни суштества и ние не мораме да ги јадеме за да живееме здрави животи.“ Научниците во изминатите години имаат собрано податоци дека рибите се свесни и чувствуваат болка. Marino вели дека друга причина поради која не јаде риба е широко распространетото загадување на океаните.
Да биде јасно, здравствените експерти велат дека редовно јадење на многу видови на морска храна може да биде дел од здрава исхрана. Но, некои риби се подобар избор од други. Јадење одржливо ловена риба и школки кои не содржат многу жива—или кои се одржливо одгледани—може да биде добар извор на протеин и омега 3 масти во исхраната на здравите луѓе, според U.S. Environmental Protection Agency.
„Јадењето риба за мене е етичко прашање, но тешко е да се раздели тоа од компонентата на одржливост,“ вели Marino. „Консервацијата за мене е исто така етичко прашање.“
Автор: Erica Cirino, psmag.com
Превод за Радио МОФ : Давор Пехчевски