Американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс, на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид пред студентите, одржа предавање на тема претприемништво, притоа презентирајќи ги програмите за студентска размена како можност за обука и доусовршување на младите во САД, пренесе МИА.
Амбасадорот Волерс нагласи дека му претставува особено задоволство што има можност да разговара со студентите за можностите што преку соработката со ФТУ од Охрид, им се нудат за студентски престој во САД, во насока на нивно усовршување и посредно како активност што би придонела за развој на македонското стопанство.
„Со студентите ќе разговарам за важноста на темата за развојот на македонската економија, програмите за размена, за тоа како студентите можат да патуваат во САД и на тој начин да стекнат нови знаења и искуства, но и да заработат“, рече Волерс.
Тој изрази задоволство што стотици студенти од Македонија веќе биле во САД преку програмите за размена, со надеж дека нивниот број во иднина уште повеќе ќе се зголемува.
Управата на ФТУ од Охрид најави дека сите активности што студентите ќе ги реализираат во САД преку соодветна документација, ќе бидат валоризирани како реализирана практична настава вклучена во програмската настава на факултетот.
Ректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, Златко Жоглев рече дека овие активности се само продолжение на добрата соработка на восокообразовната институција со САД, преку различните програми реализирани со Амбасадата на САД во РМ, но и преку оние на УСАИД, пренесува државната агенција МИА.