Асоцијација на архитекти бара новиот Клинички центар да се гради во Злокуќани

Промена на локацијата на Клиничкиот центар мора да има зашто на постојната, со сиот сообраќаен метеж и загрозена животна средина, тој ќе умре, смета Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), од каде денес презентираа урбанистички планови со кои е планирана дислокација и изградба на нов Клинички центар во Злокуќани.

Проектот во Злокуќани би бил на површина четитри пати поголема од сегашната – 94 наспроти 20-те хектари, односно, како што рекоа „сега Клинички се простира на четири градски стадиони, а новиот би бил на 16“. Ова значи изградба на нови болници и факултети за хоспитализација, подобри услови за работа и стандарди за докторите и пациентите, а бенефитот го гледаат и во тоа што тој дел од Скопје е во здрава и незагадена средина.

„Штетата Клинички да остане на истата локација ќе биде многу поголема од 5,5 милиони евра што како пенали Владата би требало да ги плати на Банката на Советот на Европа ако го раскине договорот за реконструирањето на клиниките во постојниот центар. Местото каде е сега Клинички ќе умре. Како архитекти, ние мораме да гледаме напред и да имаме визија – да ги предвидиме работите, а не да го решиме проблемот сега и да го ‘закрпиме’ да држи три години“, рекоа од ААМ.

Дополнително, нагласија дека со новопланираната населба Сопиште со Сончев град ќе има потенцијални 17.000 жители, кои ќе сообраќаат до центарот преку ‘Мајка Тереза’ (‘Водњанска’).

„Тоа нема да предизвика сообраќаен колапс, туку сообраќаен инфаркт. Пет илјади возила ќе пробаат да влезат во Клинички и ќе го попречат движењето на специјалните возила, но и корисниците од околните населби, резиденциите и Претседателската вила“, рекоа од ААМ.

Архитектите се пожалија дека Владата не побарала од нив стручно мислење за овој проект, констатирајќи дека продолжува практиката на нивно изземање кога се донесува одлука за урбаното планирање.