На 12 февруари (понеделник ) ќе почне ретроспективната програма на Меѓународниот филмски фестивал (МФФ) „Киненова“ Скопје и ќе бидат прикажани дел од филмовите во главната натпреварувачка програма на изданието во 2017, составена од дебитантски филмови.
Целта на „Киненова“ Скопје е во соработка со Кинотеката на Македонија, да понуди уште една можност за гледачите кои не успеале во рамките на премиерните прикжуавања во склоп на „МФФ Киненова Скопје 2017“ да ги погледнат овие филмски остварувања на дебитанти од различни земји во светот.
Програмата е составена од четири филма од различни земји во светот како: Шпанија, Холандија, Коста Рика и Америка.
Ревијата се отвора во понеделник со прекрасниот филм „Лето 1993“ на шпанската авторка Карла Симон. Во своето дебитантско долгометражно остварување, откако претходно се докажа со неколку наградувани кратки филмови, Симон на најдобар можен начин ја отсликува детската психологија, во случајов на 6-годишната Фрида, која, по игра на случајот, мора да почне да гледа на светот на поинаков начин. Овој филм на ланското Берлинале ја доби Златната мечка за најдобар прв филм.
Еден ден подоцна домашната публика ќе биде во можност да погледне еден поинаков филм, насловен „Колумбус“, на режисерот со азиско потекло и егзотично име, Когонада. Филмаџијата кој пред се’ е познат по документарните филмови, во 2017 година го сними својот прв целовечерн филм кој наиде на одличен прием кај критичарите и публиката. „Колумбус“ е и еден голем филозофски еп за архитектурата и просторот во кој таа треба да функционира во сооднос со природата, така што малку порафинираната публика во овој филм ќе пронајде многу потконтексти кои се навистина вредни за размислување.
Ревијата нема да биде континуитет од четири дена по ред, туку ќе продолжи дури во недела и понеделник, на 18 и 19 февруари, кога ќе бидат прикажани филмовите „Звукот на нештата“од костариканската кинематографија и филмот „Квалитетно време“ на холандскиот филмаџија Дан Бакер.