Скопје, каде годинава по третпат се одбележуваше меѓународниот ден на возење велосипед до работното место во зима доби пофални зборови од иницијаторите на #WinterBikeToWorkDay за напредокот , објави групата НаТочак.
Според годинешната листата на иницијативата за возење точак во зима, на работа или на училиште, Скопје се најде на петтото место, со 421 лице што пријавило учество во настанот. Најголем одзив на иницијативата има во Нови Сад, па следуваат градовите Денвер, Булдер и Загреб.
„И ние имаме чувство дека сме напреднале. Повеќе луѓе на точак на овој ден оваа година во споредба со претходни години, исто така повеќемина споредено со претходните денови кога временските услови беа речиси исти. Многу вклучени локали со свои понуди за денот, многу компании кои ги мотивираа своите вработени да дојдат на работа на точак, градоначалници кои можеби првпат се качија на точак во зима. Се разбира, мнooогу сме далеку од посакуваната промена, но токму затоа и ни требаат вакви охрабрувања“, соопштија НаТочак.
Годинава акцијата беше јавно поддржана и од повеќе институции, министерства, локални власти, приватни компании. Одбележувањето се случи на 10 февруари. Годинава се вклучија над 14 000 лица, од 1556 градови во 80 држави, соопштија организаторите на иницијативата.
Целата акција започна во Канада пред 5 години, а изминативе 3 години се одбележува во стотици градови во светот.