Помеѓу 3,5 и 4,5 милијарди евра криминални пари во Европа се испрани преку криптовалутите, велат за ББЦ од Европската полициска агенција – Европол.
Директорот на Агенцијата, Роб Веинрајт, за британскиот јавен сервис изјавил дека регулаторите и предводниците на иднустријата треба да работат на заедничко решение за справување со проблемот.
Предупредувањето доаѓа откако вредноста на биткоинот падна за половина од рекордните нивоа достигнати во декември.
Според проценките на Европол, од над 100 милијарди евра црни пари во Европа, 3 до 4 проценти од нив се испрани преку пазарот на криптовалути.
„Ова се зголемува со голема брзина и ние сме навистина загрижени“, рекол Веинрајт.
Постојат многу различни видови на крипто-валути, од кои најпозната е Биткоин. Нивната цел е да бидат дигитална алтернатива на фунтите, доларите и еврата. Сепак, за разлика од традиционалните валути, тие не се печатени од владите и народните банки, ниту се контролирани или регулирани од нивна страна.
Наместо тоа, дигиталните пари се креирани преку комплексни математички задачи кои се вршат од компјутери, преку процес познат како „копање“. Мрежа на компјутери низ светот води евиденција за трансакциите преку виртуелни адреси, со што се кријат индивидуалните идентитети.
Анонимноста и нерегулираноста на криптовалутите се привлечни за криминалците кои на овој начин им отежнуваат на полицијата во обидите да ги пронајдат, бидејќи е многу тешко да се лоцира кој ги врши исплатите.
Тоа не се банки кои се контролирани од централна власт, па полицијата не може да ги надгледува овие трансакции. Дури и ако некој се идентификува како криминалец, полицијата нема начин на кој може да ги замрзне нивните средства како што е случај со регуларниот банкарски систем“, рекол Веинрајт.
Уште еден проблем кој бил лоциран од Европол е методот кој криминалците го користат за перење на пари. Заработката од незаконското дело се претвора во биткоини, се дели на помали суми и се дава на луѓе кои наизглед не се поврзани со криминал, но кои служат како „мулиња за пари“. Овие „мулиња“ потоа повторно ги претвораат биткоините во кеш пред да им ги вратат на криминалците.
„Многу е тешко на полицијата во голем број случаи да лоцира кој ги извлекува парите во кеш на крај“, вели директорот на Европол, кој додава дека полицијата забележала тренд во кој „милијарди“ од парите кои се добиваат низ продажба на дрога по улиците низ Европа се претвораат во биткоини.
Веинрајт ги повика лицата кои ја водат индустријата на биткоини да соработуваат со безбедносните агенции.
„Тие мора да преземат одговорност и да соработуваат со нас кога истражуваме многу големи случаи на криминал. Мислам дека треба да развијат подобро чувство на одговорност околу тоа како ја водат виртуелната валута“.