Иако имаше акција за садење на 625 садници со најава за нејзино продолжување, не смее да се дозволи игнорантен однос кон сечата на веќе постоечките дрва кои не можат да се заменат ниту со 2-3 нови. Последните месеци се споделуваат слики од дрвја кои се сечат заради нови градежни парцели, исечени дрвја во градскиот парк, во Парк-шумата – Водно и последно – во Парк-шумата Гази Баба, реагираат од О2 Коалиција за чист воздух.
Од таму велат дека се сведоци дека последните години на сметка на зголемување на „урбанизацијата“ – бетонот како вирус се прошири во централното градско подрачје, на „атрактивните“ локации, земајќи значителни делови од парковите и заштитените парк шуми.
„Катастрофалните последици од нашата негрижа во соголувањето на Скопска Црна Гора во 2016 година однесоа човечки животи. Се надевавме дека со заминување на една власт ќе се смени и перцепцијата за значењето на зеленилото во овој град, но не само тоа. Очекувавме план за санација на сите последици што поскоро, зошто време за чекање немаме. Градот кој е меѓу најзагадените во светот, не убива и ги убива нашите деца. Во боробата за намалување на аерозагадувањето, голема улога има и зазеленувањето и санации на оштетените подрачја“, соопштува иницијативата.
Здружените активисти, екологисти и организации што се дел од Коалицијата бараат под итно да се направи контрола на сите градежни парцели, дрвата кои се во таа парцела да бидат максимално заштитени – преместени на најблиска локација, а зеленилото што е предвидено со нацртната документација да не остане само на слики.
„Последните оштетени површини да бидат влезени во план за пошумување веќе во пролетната акција. Бараме и построги и почести контроли во Парк-шумите и да не се дозволи овие акции да поминуваат со преќутно одобрување“, велат од иницијативата.
Ги пренесуваат и дел од нивните барања на кои се обврза градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, за формирање на зелени коридори по течението на Вардар, Серава, Треска, Лепенец. Исто така, масовно зазеленување на Скопје, плански и стручно со видови кои апсорбираат загадувачки супстанци, а се соодветни на климата и условите на Град Скопје. Бараат „Стоп“ за моментални, инцидентни, нестручни и вон контекст решенија.
Понатаму, потсетуваат дека градоначалникот се обврза и на oзеленување на сите соголени површини поради спречување на расејување на тешките метали и други загадувачки супстанци од почвата во воздухот и нивно вдишување, но и создавање заштитни зелени зони околу загадувачките капацитети. Да се почитува принципот „Загадувачот плаќа“.
„Во соработка со општините во склоп на Скопска Црна Гора и централната власт, инсистирање на пошумување на соголените делови, спречување на ерозија и отпорност при поројни дождови. Строга контрола и дефинирање на линијата над која не смее да се гради во Парк-шумата Водно. Ревизија на градби, документација во заштитениот дел на Парк-шумата Водно. Спроведување на пропишаната процедура за ревалоризација и презаштита на Парк-шумата Водно, со соодветни измени и надополнување на студијата за повторно прогласување на Водно за парк-шума со јавна консултација и транспарентност. Соработка со МЖСПП за завршување на овој процес“, велат од иницијативата низ призма на барањата на екологистите за кои се обврза градоначалникот.