Во клубот „Капан ан“ утре вечер ќе се одржува вторaта „Psy session“ – психоделична транс забава, овој пат со диџеите Oak Tales, Gregoria и Sneferu. Настанот е организиран од „Loomynum Art Club Macedonia“.
Михаил Солаков алијас Oak Tales е репрезент диџеј на психоделичниот лабел Forestdelic. Оние што досега присуствувале на негоите сетови, знаат дека тој за аудиториумот нуди мешавина од скандинавска мистика, длабока шумска музика, но презентира и подинамични груви теми. Музиката ја поврзува со енергијата на подиумот, за заедничко патување со публиката.
Gregoria е псевдонимот на Александар Бошков од Штип, кој уште од рана возраст е приврзаник и интерпретатор на апстрактна, авангардна музика. Со психоделичен транс се „навлече“ од 2013 година, па не требаше многу време за да почне да експериментира со синтетички звуци и да настапува со диџеј сетови по локални журки.
Низ годините, Златко ака Sneferu мина низ Македонија, Балканот, Дубаи… Остави белег на повеќе проекти кои имаат една заедничка работа – страста за древните кралства и изгубените цивилизации на Египет. Раскажува психоделични приказни преку интензивни, шумски, мрачни и откачени звуци.