Бендот „Бернејс пропаганда“ преку социјалните мрежи објави дека се обиделе да посочат на неправилноста за одобрена финансиска поддршка на конкурсот на Министерството за култура. Но, наместо одговори за фиктивна апликација за заеднички проект од 4.200 евра со Македонска филхармонија, тврдат тие, од Министерството биле избркани со обезбедување. Сега се заглавени низ правни лавиринти и бараат правда.
„Им се обраќавме на Министерството на култура, укажувајќи на непрописно и нерегуларно одобрената апликација во наше име (Бернајс пропаганда), која Министерството ја одобри и покрај тоа што немаше потполна документација. Условите се транспарентно пропишани во упатство на нивниот сајт кој вели дека апликација без согласност или изјава на уметникот вклучен во проектот, нема да биде ниту разгледуван, а камоли одобрен од Министерството! Од друга страна, денеска нешто после 11:00 откако пробавме да побараме одговори и документација околу оваа непостоечка апликација, не само што не ни дадоа одговор, туку оние кон кои не упатија во просториите на министерството ни кажаа дека не се запознаени со нашиот случај и не избркаа од зградата на министерството со обезбедувањето кое е од Министерство за внатрешни работи. Откако по втор пат конечно успеавме да го верифицираме нашето барање повторно добивме нешто што е далеку од комплетна официјална документација. Одиме на трета среќа и правда“, соопшти вчера Васко Атанасоски од „Бернејс пропаганда“.
Атанасоски денеска го објави и поднесеното барање до Министерството за култура, потпишано од членовите од бендот:
По реакциите од јавноста, Министерството за култура веќе упати повик до целата јавност и сите што имаат индиции за злоупотреби, истите да ги достават до нив. Најави ревидирање на одлуките за најрелевантните забелешки.
За случајот со „Бернејс пропаганда“ велат дека се работи за грешка со апликација на поранешната директорка на Филхармонијата, Маја Чаначевиќ. Комисијата при конкурсот направила превид, тврдат тие, сметајќи дека и апликацијата на Чаначевиќ, и на новиот в.д. директор Виктор Илиески, се легитимни.
„Комисијата не можела да претпостави дека пред договор не е склучен и, водејќи се од критериумите за квалитет, го одобрила и предложениот настап на Филхамонијата со ‘Бернејс пропаганда’“, рекоа од Министерството за ТВ Телма.
Македонската филхармонијата, пак, уште пред два денови најави приговор заради констатираните разлики меѓу нивната усвоена годишна програма и објавените резултати од Конкурсот.
„Управниот одбор на НУ Македонска филхармонија, во присуство на в.д. директорот, Виктор Илиески, одржа вонредна седница на која беше одлучено да биде испратен приговор до Комисијата за музичко-сценска дејност при Министерството за култура на Република Македонија за направените пропусти во одобрувањето средства за непостоечки проекти во програмата на институцијата“, соопштија од Филхармонијата.