Владимир Ѓорѓевски e избран за нов младински претставник во Управниот Одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО). Тој доаѓа на местото на Бојана Наумовска,откако директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски поради низа нерегуларности донесе Одлука за поништување на нејзиниот избор.
Ѓорѓевски доаѓа од Центарот за едукација и развој- Теарце, невладина организација која од 2006 година работи на полето на развој и едукација, а е основана како резултат на потребите од заедниците кои живеат во регионот на Долни Полог.
Новиот младински претставник во УО на РИКО беше изгласан од страна на работна група на АМС. Пристигнатите апликации се отвараа на лице место и работната група утврди двајца кандидати, Димитар Димитровски и Владимир Ѓорѓевски.
„Кандидатите имаа 5 минутно излагање и презентирање за нивните познавања за РИКО, работните обврски, нивните планови и нивните гледишта за иднина. По презентацијата на кандидатите, се пристапи кон гласање. Пред гласањето Верификационата комисија констатираше дека од 22 организации, 15 се присутни, со што со изборот, Македонија го доби идниот младински претставник во РИКО“, соопштија од АМС.