Осуда за заканите кон претседателот на ЗНМ, Насер Селмани

Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) категорично ги осудија упатените закани кон претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Насер Селмани.

„За нас е целосно неприфатливо да се спречува слободата на изразување и професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од какви било притисоци и уцени. Упатувањето закани кон новинарите истовремено е атак врз демократијата и ограничување на можноста јавноста да има пристап до информации и идеи од различен вид“, стои во соопштението.

Нивната реакција доаѓа откако Селмани доби закани на Фејсбук за напишан статус, во кој вели дека „правната држава клекна пред еден силеџија, поддржан од ДУИ“, осврнувајќи се на случајот со полицајката која беше повредена додека пишувала пријава за непрописно паркирање на џипот на Беким Асани, од партијата ДУИ. Иако првично медиумите известуваа дека полицајката била нападната, таа негираше физички напад од страна на Асани, посочувајќи дека сама се удрила во пајакот.

Заканите Селмани ги пријавил и во полиција.

„Не е прв пат да добивам закани и да бидам провоциран од луѓе на ДУИ. Не сум ги објавил јавно заканите затоа што не сум сакал во ниту еден момент силеџиите да помислат дека навистина им се плашам. Ги пријавувам заканите во полиција чисто да оставам трага ако некој од силеџиите на ДУИ се обиде да ги реализира нив. Сакам да им се заблагодарам на моите колеги за солидарноста што ја покажаа со мене. Ги уверувам дека ЗНМ, без разлика на заканите и уцените што се упатуваат кон мене, нема да се откажеме од нашата заедничка мисија, слободата на говорот во Македонија да биде дел од нашите животи, а не само мртво слово во Уставот“, истакна Селмани.

За случајот осуда стигна од Владата, ВМРО-ДПМНЕ, од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Ваквите појави придонесуваат за слабеење на слободата на медиумите и на нивната способност за слободно и независно известување“, велат од АВМУ.

ДУИ не излезе со реакција за случајот.