Седум илјади пара чевли поставени пред Конгресот потсетуваат на изгубените детски животи при пукање во училиштата

Во дворот на зградата на Конгресот се распослани приближно седум илјади пара чевли кои ги означуваат изгубените детски животи при пукање во училиштата низ САД од 2012 година до денес.

Акцијата е дело на активистичката група „Авааз“, која силно се спротивставува на досегашниот закон за контрола на оружје.

„Чевлите се индивидуални. Тие се лични. Овде има балетски обувки и има ролерки. Ова се децата“, рече Нел Гринберг, директор на „Авааз“.

Бројот на чевлите го отсликува бројот на децата кои починале при вооружен напад во училиштата од масовното пукање во основното училиште Сенди Хук во Њутаун, Конектикат во 2012 година, па се до денес.

Чевлите се донации од граѓани кои се собираа на повеќе локации низ Вашингтон. Меѓу луѓето што донираа се и членови на семејствата кои ги изгубиле своите деца во некое од тие пукања.

Еден од нив е Том Маусер, кој го загубил својот син за време на пукање во средното училиште во Колумбин во 1999 година. Тој допатувал од Колорадо за да ги донесе чевлите на својот син за акцијата.

„Мојот син носеше ист број чевли како мене. Дознав откако почина и стана голем симбол за мене, дека можам да пешачам во неговите чевли“, вели овој родител, кој по несреќата силно се залага за реформи во законот за контрола на оружје.

Акцијата е најава за „Маршот за нашите животи“ кој е закажан за 24 март.