100 лица со физичка попреченост ќе добијат лични асистенти

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата на Република Македонија на вчерашната седница ја усвои Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2018 година.

Како што информираа од МТСП, со Програмата ќе се обезбеди персонална асистенција за 100 лица на возраст од 18 до 64 години, кои имаат потешка или најтешка физичка попреченост или лица со целосно оштетен вид. Личните асистенти  ќе им помагаат при извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, при посета на високообразовни институции, неформално образование, професионална рехабилитација или поддршка на работно место.

„Преку оваа програма на лицата со попреченост им овозможуваме помош во насока на самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина“, напиша Министерката Мила Царовска на својот фејсбук профил.

Од МТСП посочија дека асистентите ќе бидат лица кои поседуваат сертификат за завршена обука за стекнување со вештини за лична асистенција, верифицирана од ЈУ Центар за образование на возрасни. Во Оперативниот план за мерки и услуги за вработување за 2018 година се предвидени средства за обука на 100 невработени лица.

Оваа услуга се воведува првпат во Македонија и за реализација на Програмата издвоени се 17.500.000 денари од буџетот на МТСП.

Од Министерството додаваат и дека преку Програмата за општинско корисна работа, на почетокот на учебната 2017/18 година, во соработка со Министерството за образование и наука, обезбедиле средства за ангажирање на 106 образовни асистенти и 34 лични асистенти за деца кои посетуваат настава, со што е зајакната и поддршката на децата со попреченост во образовниот процес.

Од вчерашната 58-ма седница на Владата

На вчерашната 58-ма седница, Владата го разгледа и утврди и Предлог-законот за високото образование, и донесе одлука по усогласување на одредени членови, да биде пуштен во собраниска процедура до негово усвојување.

„Со овој закон се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите, како и признавањето на странските високообразовни квалификации и надзорот над работата на високообразовните установи“, соопштија од Владата.