Македонија се најде во долната половина на овогодишната листа на најсреќни држави на светот, заземајќи го 89-тото место од вкупно 156 светски земји, во друштво на држави како Азербејџан, Либан, Јордан и Нигерија, според најновиот извештај „World Happiness“ кој го објавуваат Обединетите Нации.
Споредено со регионот, Македонските граѓани се посреќни во споредба со оние на Босна и Херцеговина, Албанија и Бугарија, но се помалку среќни од жителите на Словенија, Косово, Хрватска, Србија, Црна Гора и Грција. Од Балканскиот регион највисоко рангирани се Словенија, на 51 место веднаш следена од Романија едно место подолу.
Извештајот е годишна публикација на Мрежата на Обединетите Нации за одржлив развој, а се заснова на истражувањата на јавното мислење од страна на „Галуп“ за благосостојбата во секоја од државите.
Оваа година најсреќна држава во светот е Финска, која ја престигна Норвешка на првото место. На првите пет позиции на најсреќните држави се наоѓаат уште и Норвешка, Данска, Исланд и Швајцарија.
Најнесреќната држава во светот е Бурунди, додека на последните пет позиции се наоѓаат у Централноафриканската Република, Јужен Судан, Танзанија и Јемен.
Ова е шеста година како се објавува извештајот за среќата во светот, а првпат го мери и нивото на среќа на имигрантите во секоја од државите. И по овој параметар, Финска е водечка во светот, додека Македонија се наоѓа на 76-тото место од 117 држави. Најнесреќни се имигрантите во Сирија и Того.