Во организација на независниот „Театар Фабрика“ вечерва, во 20 часот, во просторот на кафе бар „Че“ ќе се одржи вториот Хомо Луденс разговор со драмскиот писател и филмски сценарист – Дејан Дуковски.
„Хомо Луденс“ е едукативната програма на „Театар Фабрика“, која во себе вклучува разговори, предавања и тренинзи. Првиот Хомо Луденс разговор се одржа на 21 март и прв гостин беше композиторот на театарска и филмска музика Горан Трајкоски. Модератор на разговорите е драматургот Дарко Јан Спасов.
Хомо Луденс е суштество кое има способност да игра, поточно независно од секоја можност и полза, спонтано ја манифестира својата духовна и физичка енергија. Оваа човекова способност за игра е и основа на уметноста која е по природа игра ослободена од секоја принуда и присила. Во поимот на играта се пронаоѓа целосната дефиницијата за човекот како битие. „Човекот игра само таму каде што е во полно значење зборот човек, а тој е целосно човек само таму каде што игра“ напиша Шилер во делото „За убавото“.
За антрополошкото и филозофското значење на играта се занимавале и твореле многу филозофи. Некои од нив одат и дотаму што тврдат дека целата цивилизација произлегува од самата игра. Токму ова го вели Јохан Хујзинга во своето дело „Хомо Луденс“. Тој вели: „играта е постара од културата; зашто, колку и да е поимот на културата недоволно различен, тој секако подразбира човечко општество, а и животните не чекале на луѓето овие допрва да ги научат да играат“.
„Театар Фабрика“ е независен театар кој овозможува преиспитување и создавање на вистински театарски вредности и естетски, експериментален пристап и постојана надградба на професионалните капацитети на сите театарски уметници.