Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, изјави дека чувствува морална и професионална одговорност по издавањето на збирката поезија од проектот „Млади поети“ на Агенцијата, во која две песни имаат сексистичка и албанофобска содржина.
Тој на пресконференција изјави дека се повлечени сите преостанати копии на збирката од дистрибуција за да се спречи натамошна штета.
„Овој случај е аларм за нас како институција, а јас како директор чувствувам морална одговорност за настанатата грешка и се извинувам на јавноста поради сето ова. Во исто време имам и професионална одговорност да направам се што е во моја можност да го истражам случајот до крај и да не дозволам да се повтори“, додаде тој.
Каевски, кој стои како уредник на публикацијата, вели дека тој не ја прегледувал содржината на збирката поезија.
„Потписот е ставен за постапката, но не и за содржината. Содржината си има јасни цели, како се доаѓа до тој финален дел на пуштање на збирката во печатење и кои се сите филтри кои треба да ги помине. Како директор стојам како уредник и затоа чувствувам морална одговорност, но не ја прегледувам содржината. Никаде во текстот на проектот не пишува дека јас треба да ја прегледам содржината и да ја потпишам содржината“, рече Каевски.
„Моите очекувања беа дека избраната стручна комисија и одговорните за овој проект во рамките на Агенцијата за млади и спорт ќе забележат дека меѓу многуте песни на млади автори се нашла и ваква содржина, дека ќе реагираат и дека нема да дозволат таа да биде одобрена и објавена. За жал тоа не се случило. Денеска разговарав со претседателот на комисијата, кој ме извести дека тие не биле свесни дека треба да прават селекција и да отфрлаат песни. Во однос на содржината, тие сметаат дека имаат право на слобода на говор и изразување. Јас имам друг став, слободата на говорот е неприкосновена но, се додека таа не се претвора во говор на омраза и дискриминација“, изјави Каевски.
Директорот на Агенцијата потенцираше дека од одговорните за грешката ќе бара целосно да ги надоместат 150.000 денари, колку што биле потрошени за издавањето на публикацијата.
„Професионална одговорност од одговорните за проектот мора да постои. Мора да се знае кој и зошто го дозволил и го премолчил сето ова“, изјави Каевски.
Тој најави дека ќе ја детектира вината и дека потоа Агенцијата ќе излезе со став.