Европската Комисија соопшти дека ќе укине 300 000 интернет домени со наставката .eu кои се регистрирани во Велика Британија, откако Лондон и официјално ќе отстапи од Европската Унија.
Постоечкиот .eu домен ќе биде укинат кога ќе заврши процесот на Брегзит, кој се очекува да се случи до наредната година, по што нема да има право на жалба, се наведува на веб-страницата на Европската Комисија.
Граѓаните и правните субјекти од Обединетото Кралство, по повлекувањето од ЕУ, повеќе нема да може да го користат овој домен, што „значи дека ниту една организација или компанија која е основана во Велика Британија, а не во Европската Унија, нема да смее да го користи доменот со наставката .eu“, соопштија од Комисијата.
Забраната се однесува и на физички лица кои се британски државјани.
Според статистиките, станува збор за повеќе од 317 000 домени во сопственост на Британците кои до наредната година ќе бидат укинати, што претставува околу 10 отсто од сите регистрирани .eu домени.