Психоделична „146-Д галактичка конекција“ на 8 април во „Капан ан“

„Loomynum Art Club Мacedonia“ на 8 април (недела) организира нова психоделична транс журка во клубот „Капан ан“.

Овој пат, третата психоделична епизода „146-D Galaxy Connection“ зад диџеј пултот ќе ги донесе Psoma и Defekten – артисти од македонската издавачка куќа „Stereohemia Recоrds“.

Музичкиот полет на Бани алијас Psoma како дете започна со рокенрол, по што следуваше хип-хоп, метал, па на крај електроника. Неговата психоделичната авантура, пак, стартуваше во 1995 година, паралелно слушајќи бендови како The Prodigy, Chemical Brothers, Orbital… а потоа и Prana, GMS, Kox Box, Hux Flux, Orion, Mino и многу други музичари кои влијаеја врз музичкиот опус на Psoma.

На почетокот, вокалниот талент го користи во гаражни бендови, но истовремено се занимава со диџејство. Во 2002 продуцира електронска музика и станува дел од Uminum, култен проект на домашната психоделична сцена. Бани низ целиот период експериментира, продуцира, настапува со live-актови, со што се раѓа и Psoma, чие прво соло издание е вклучено во компилацијата „Take Over“ за издавачот „ResonantEarth“. Psoma комбинира елементи од старата гоа-транс школа, суоми, шумска психоделија… Не изостануваат ниту влијанија од метал корените, а снима и сопствени вокални семплови.

Името на вториот изведувач за вечерта, Вицо алијас Defekten, не е непознато за психоделичната сцена. Напротив. Вицо започна да се занимава со музика уште од крајот на 90-те, тогаш како басист во неколку бендови. Низ овој период се „навлекува“ на психоделичен транс и она што се случува во Македонија, притоа експериментирајќи со електронска музика.

Станува активна алка од Uminum од 2004, по што следи нивниот албумот „3rd world stories“ за „ResonantEarth“ во 2008. Моментално е дел од Omnium, DefektenShredder и е еден од основачите на „StereoHemia Records“.

Инаку, организаторот „Loomynum Art Club Мacedonia“ напоменува дека журката ќе се одржува во недела, а следниот ден, понеделник, е неработен. Влезот за настанот е 150 денари.