„Косово 2.0“ е медиум од Приштина чиј веб сајт беше прогласен за еден од десетте најдобри во екс-Југославија. Хана Марку, уредникот на Косово 2.0 во интервју за Радио МОФ, говори за успехот на нивната веб платформа како и печатеното издание, физичкиот напад врз новинарите од страна на група хулигани заради текстовите на тема „секс“ и проблемите на младите во Косово.
– Како започна приказната на „Косово 2.0“?
-Косово 2.0 започна во 2010 година, како иницијатива започната од Беса Љуци, главниот уредник на медиумот и Joan de Boer, кој е претседател на управниот одбор и е фотограф по професија. Тие имаа идеја да креираат онлајн платформа, каде младите луѓе во Косово ќе можат да ги споделат своите приказни, нивните искуства и нивните проблеми. На почетокот беше мал проект, луѓето работеа од кафе барови, од дома и многу луѓе уште тогаш придонесуваа за да го постигнеме ова што медиумот е денес.
– Веб сајтот на Косово 2.0 беше прогласен за еден од десетте најдобри во екс Југославија. Истовремено издавате и магазин кој дефинитивно е еден од најквалитетните на Балканот во моментот. Како е да се прави медиум од ваков тип во Косово?
-Ние во моментот сме во многу уникатна ситуација бидејќи остваривме две многу различни работи. Веб сајтот е платформа која е многу отворена, Косово 2.0 ја претстави културата на блогирање во Косово, претходно не постоеше во некоја популарна форма. Ние успеавме да креираме платформа која им дозволува на луѓето да споделат било каква лична сторија – од немање пари да се купат цигари, па до преговорите помеѓу Косово и Србија. За разлика од ова, печатениот магазин е ретка можност да се внесеме во една тема и да ги употребиме принципите на истражувачкото новинарство.
–Сериозното истражувачко новинарство, некогаш значи и опасност. Неодамна вие директно го искусивте тоа, кога група хулигани ја нападнаа вашата редакција, заради последното издание на вашиот магазин, посветено на темата „секс“. Каква беше атмосферата тие денови?
Проблемите настанаа околу нашето четврто печатено издание на темата „секс“. Потрошивме многу време на ова издание, многу размислувавме како ќе ги презентираме текстовите и изданието претставува едно сериозно истражување на сексуалноста на Балканот, вклучувајќи ја ЛГБТ заедницата, хетеросексуалните мажи и жени, интерсексуалните луѓе и трансродовите лица. Навистина сакавме да нацртаме еден портрет за тоа како луѓето на Балканот ја изразуваат својата сексуалност и кои се социјалните структури кои може да направат репресија врз сексуалноста. Ние започнавме да примаме закани уште два дена пред настанот, на нашата Фејсбук страница од типот: „ја дегенерирате нашата млада популација“, „ширите погрешни вредности“ и „Господ ќе ве казни“. Ги пријавивме овие закани во полиција и тие испратија двајца полицајци на настанот. Малку пред почетокот, дваесет мажи влегоа во салата која ја изнајмивме и не нападнаа и во тој напад еден од нашите вработени беше претепан. Потоа овие хулигани продолжија да кршат се околу нив по што си заминаа. Имавме реакции од премиерот, министерот за надворешни работи и многу амбасади и меѓународни агенции кои го осудија ова насилство. Подоцна имавме закажано забава, но моравме да ја откажеме бидејќи околу 200 луѓе протестираа пред нашите простории, на еден протест кој беше од религиозна природа. Не нарекуваа „хомосексуалци“ и „проститутки“…Дојдоа и специјалците и се разбира моравме да го откажеме настанот од безбедносни причини.
Intervju so Hana Marku, urednik na Kosovo 2.0 by Radio Mof on Mixcloud
–Дали во некој момент помисливте да го повлечете магазинот заради заканите?
Не, никако. Дури и откако дваесетте хулигани ги уништија реквизитите во салата, ние продолживме со настанот. Но откако се собраа уште 200 луѓе надвор и не можевме да ја гарантираме безбедноста на нашите гости, ја откажавме само вечерната забава.
– Косово 2.0 е прогресивен медиум кој не се плаши да прочепка и во некои од темите кои често пати се сметаат за забранети. Плаќате ли цена заради ваквиот пристап?
На одреден начин да, во смисла на тоа како не перцепираат. Во зависност од политичките или личните мислења на луѓето, секогаш кога имаме политичка сторија на пример за Косово и Србија, или не обвинуваат дека сме анти-Косово или анти-Србија, но тоа е неизбежно. Или пак кога зборуваме за ЛГБТ теми не обвинуваат дека сме против моралот, дека се обидуваме да привлечеме внимание или сме против религијата. Но овие реакции се очекувани, ние не го започнавме проектот за да се грижиме за мислењата на луѓето за нас, туку за да им дадеме глас на луѓето кои сакаат нешто да кажат и да ги урнеме стереотипите кои луѓето ги имаат за Косово и проблемите кои ние ги имаме.
Кристина Озимец