На 18-ти и 19-ти април во Скопје ќе се одржи првиот Дигитален самит за Западен Балкан на кој ќе учествуваат шефови на влади и министри одговорни за дигиталната агенда од Западниот Балкан и земјите-членки на Европската унија кои учествуваат во Берлинскиот Процес, Европската комисија, Советот за регионална соработка, претставници од ИТ индустрии и бизниси, академици и млади.
Целта на Самитот е реализација на видливи резултати кога станува збор за дигитална платформа за размена на идеи и предлози.
Домаќини на Самитот се македонското Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) и Владата, во соработка со Советот за регионална соработка, и останатите влади од Западен Балкан, Европската комисија и Германското федерално министерство за економски прашања и енергија.
Според програмата, предвидени се панел дискусии за дигитално поврзување; интегрирање на економиите на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар; подобрување на сајбер безбедноста; подобрување на дигиталните вештини; дигитализација на индустријата и интерактивни дискусии помеѓу владите, академиците, претпријатијата, иноваторите, граѓанските организации, младинските организации итн.
Важен дел од Самитот е Дигиталното EXPO кое, според МИОА, претставува единствена можност за компаниите во дигиталната индустрија од регионот и пошироко, да ги презентираат своите иновативни производи и услуги, но исто така да се запознаат и да се поврзат со потенцијалните партнери од владиниот и бизнис секторот