Седмо издание на „Скопје креатива“ од 11-13 мај под мотото „7 пати до креативност“

Седмото издание на „Скопје креатива“ ќе се одржи од 11-13 мај во Младинскиот културен центар и на локации околу институцијата (надворешна бина кафе-бар Фросина, тревници пред објкетот…). Мотото годинава е „7 Times 2 Creativity / 7 пати до креативност“.

Фестивалот има за цел да поттикне развој на креативните индустрии, за што е потребна едукација на граѓаните и на младите за создавање нови производи.

„Преку развивањето вештини и интензивирање на соработката меѓу секторите култура и економија ќе биде исполнета крајната цел – креативниот потенцијал да биде ставен во функција на економскиот развој. Во досегашните изданија можевме да видиме различни форми на уметноста: рачно изработен накит, авангардни дизајнерски парчиња на млади дизајнери, рачно украсен и реставриран стар мебел, постери со графички решенија што пренесуваат моќни пораки…“, велат организаторите.

Минатата година се одржале рекордни 44 настани распоредени во три дена: изложби, работилници, предавања, работилници за деца, за средношколци, за дизајнери…

„Скопје креатива“ годинава поддржа низа проекти, меѓу кои: Тркалезни форми (фотографска изложба) на Дејан Џолев; Магија на тебе на MATA, моден дизајн; Госпоѓиците од Авињон во 3Д макета  – Архитектонски факултет Скопје, проф. Елизабета Аврамовска со студентите; Куќа на желбите – работилница за деца со посебни потреби, Акција реакција Скопје; Пилот стрип магазин Деветка, Стрип Квадрат; СОС Брутализам – накит,  Весна Кондова и Адела Келеција; Кукачот – работилница за краткометражен игран филм, ментор: Загорка Поп Антоска – Андовска, соработник: Владимир Димовски; Силвер фактори – попап продавница, Ивана Секулоска; Ја сакаш ли Македонија – Кратко еко видео, автори: Никола Стојковски, Фото студио Тихо – Александар Кундиќ, ученици од ОУ „Страшо Пинџур“, Скопје…