Извршниот директор на Центарот за развој на медиуми, Роберто Беличанец, се осврна на економското работење на МРТ, подвлекувајќи дека и покрај подобрената ситуација со наплатата на радиодифузната такса, Владата сеуште се јавува како значен финансиер на јавниот сервис, загрозувајќи ја неговата независност.
Беличанец, врз база на повеќе документи од работењето на МРТ, заклучил дека во јавниот сервис не постои правилник за плати, правилник за финансиско работење, ниту пак терк за договор како се влегува во копродукција со куќата.
За ситуацијата со Радиотелевизија Словенија говореше експертот за медиуми од љубљанскиот универзитет, Марко Милосављевиќ, кој истакна дека и покрај тоа што словенечката влада учествува со многу мали донации во финансирањето на тамошниот јавен радиодифузер, сепак таа има начин да создаде однос на зависност:
„Владата одлучува колкава ќе биде радиодифузната такса од која Радиотелевизија Словенија се финансира. Така, кога лани ја намали таксата од 12 на 11 евра, што беше мерка со која граѓаните не добија никакво реално олеснување, со тоа се намалија и приходите на јавниот сервис за околу 8% што е значајно намалување“, рече Милосављевиќ.
Извор: Капитал