Водечки теоретичари на културата во Скопје

Под заеднички наслов „Еманципација на отпорот, создавање на заедничко знаење наспроти подeленоста“, од 5 до 7 март, во клубот ГЕМ, Контрапункт организира предавањата и презентации на тројца водечки европски теоретичари на уметноста и културата: Сузана Милевска , Марина Гржиниќ и Дмитри Виленски од познатиот руски уметнички колектив „Что Делат?


Милевска, Гржиниќ и Виленски ќе отворат прашања поврзани со концептите на политичкото и естетското, нивните допирања и одбивања, ќе говорат за разликите и сличностите на самоорганизираното образование и неговите позитивни и негативни ефекти, како и дали самообразовните концепти и практики влијаат врз општествените промени во добата на дигиталната и мрежна размена на знаења.

– Во фокусот на овој настан е да се отвори прашањето како да се развијат еманципациските практики на отпорот, како политичкото и естетското можат да бидат ефикасни и да произведуваат нови општествени вредности на теориско и на практично рамниште. Како критички да размислуваме и дејствуваме преку активистички и уметнички практики, како да развиеме политичка одговорност во рамките на уметничката и социо-културната сфера, имајќи го на ум политичкиот контекст каде што слободата на изразување и на перформативност е речиси руинирана.
Воедно ќе се акцентираат следните прашања: Дали ни е потребна директна конфронтација за да допреме до одредени важни политички и социо-културни прашања? Како интерферираат новите медиуми, социјалните мрежи со „агората“? Колку естетското е заложник на политичкото и обратно?

Првичната возбуда од улогата на „новите“ медиуми е завршена. Социјалните мрежи се дел од вообичаеното секојдневие, уште еден од каналите на комуникација, а ние имаме достапност до информациите повеќе од кога и да е во човечката историја. Но, сепак, овде во Македонија, живееме во општество каде што правото на слободно изразување и на критичка дебата и акција исчезнуваат. Токму затоа ни е важно да осознаваме, истражуваме и практикуваме можни тактики и алатки преку кои критичката мисла ќе биде слушната, велат организаторите.

Еве дел од предавањата и презентациите на овој културен настан:

5 март, 19:30 – 21:00, Сузана Милевска
Уметноста на владеењето со знаењето (читај: моќта)[предавање и дискусија]

Постојат многу различни простори, процеси и модели на учење и знаење вон институционалните образовни институции. Оваа презентација пред сѐ ќе се однесува на потенцијалите на овие алтернативни образовни модели и контексти (колаборативност, партиципативност, Web 2.0 заедниците на социјалните мрежи и други слични интерактивни платформи), но и на внатрешните контрадикции и ограничувањата на хоризонталните и алтернативни модели на образование. Имено, иако тие тежнеат кон споделување и продукција на радикално и дехиерархизирано знаење сепак неминовно функционираат во ист општествено-политички и културен контекст како и самите институции на образованието, власта и моќта.

6 март, 19:30 – 21:00, Марина Гржиниќ
Издигнувањето на политичкиот субјект [предавање и дискусија]

Целта на предавањето е да се отвори прашањето за некои значајни протести коишто се случуваат деновиве во Словенија и Австрија; едниот е таканареченото Словенечко сеопфатно востание во Љубљана и останатите словенечки градови, кое ги претставува илјадниците протестери на улиците коишто бараат оставка од сегашната словенечка влада и сегашниот премиер. Вториот случај се протестите на бегалците во Виена и во ЕУ кои се однесуваат на неиздржливата состојба на бегалците во време на глобалниот капитализам во Европа. Некои од поентите развиени во релација со овие протести/востанија ќе ги допрат прашањата на современата состојба и нејзините статус, форма и привилегии. Оваа последна поента ќе биде поврзана со уметноста на проектот развиван во неколку декади во Словенија: IRWIN: Neue Slovenische Kunst- состојби во времето.

7 март, 19:30 – 21:00, Дмитри Виленски
„Што да се прави- помеѓу трагедијата и фарсата?“ [Презентација на методите на работа на групата Chto Delat]

Платформата Chto delat? е основана со цел да се спојат политичката теорија, уметноста и активизмот во раните 2000-ти (2003), во Санкт Петербург од страна на работна група составена од уметници, критичари, филозофи и писатели од Санкт Петербург, Москва и Нижни Новогород. Работната група се ангажира во разновидни уметнички проекти вклучувајќи видео, инсталации, интервенции во јавен простор, радио програми, институционална критика и мјузикли. На оваа презентација, Дмитри Виленски (еден од основачите на Chto delat?) ќе презентира некои од клучните концепти и проекти на колективната работа во контекст на моменталната политичка состојба во Русија.


Еманципација на отпорот” е дел од проектот Проширено естетско образование: Уметничкиот експеримент и политичка култура во доба на мрежи, во соработка со: Мултимедијални институт (Загреб), kuda.org, (Нови Сад), Контрапункт, (Скопје), Berliner Gazette (Берлин) и Mute (Лондон)

Извор: Нова ТВ