Инструмент кој за прв пат овозможува подводен ГПС е најновото научно откритие на Виктор Груев, професор и иноватор од престижниот Универзитет во Илиноис, САД, кој има македонско потекло.
Тој во видео-интервју за Радио МОФ зборува за неговата иновација – камера која служи како подводен инструмент за глобално позиционирање (ГПС).
Се работи за спој на напредната технологија и совршеноста на природата. Камерата е инспирирана од очите на пеперутките и ракчињата, кои се меѓу најкомплексните во природата и кои ја гледаат поларизацијата на светлината.
Камерата ја користи поларизацијата за да ја утврди точната позицијата на сонцето во однос на неа, а преку тоа се добива и ГПС локацијата на самата камера.
Оваа технологија може да има различни намени. Од истражување и навигација под вода, преку мерење на разни параметри во океаните и морињата, миграцијата на водните животни, па сè до пронаоѓање и лоцирање на исчезнати авиони.
Точноста на подводниот ГПС инструмент засега е 61 километар, но Груев очекува прецизноста да се намалува со еволуирање на технологијата.
Груев пред две години привлече голем интерес од светските медиуми поради неговата претходна револуционерна иновација – камери со кои медицинските лица прецизно можат да регистрираат канцерогени клетки.
Даниел Евросимоски