Легендата на хип-хоп музиката и голема поп-ѕвезда Snoop Dogg и британската инди рок сензација Bloc Party се последните имиња за кои е потврдено дека ќе настапат на фестивалот EXIT во Нови Сад, кој годинава се одржува од 1o до 14 јули.
Ексцентричниот рапер, кој од лани настапува под новите псевдоними Snoop Lion и Dj Snoopadelic, доаѓа за да го претстави новиот албум со наслов „Reincarnated“.
Вториот голем „хедлајнер“ кој го претставуваат организаторите на EXIT е еден од најголемите британски и светски инди рок бендови, Bloc Party, кој за првпат ќе се претстави во Србија и во регионот. По пауза од четири години, тие лани го издадоа долгоочекуваниот, повратнички албум „Four“, кој постигна огромен успех и доби одлични критики.
EXIT претходно објави дека годинава, на 14-тото издание на фестивалот, ќе настапи и бендот на Thom Yorke, Atoms For Peace, а беа потврдени и дузина одлични диџејски имиња, меѓу кои Dubfire, Seth Troxler, Matador и Deniz Kurtel.