Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар го објави конкурсот за овогодинешното издание на манифестацијата. Фестивалот годинава се организира по петти пат, а во конкурсот се определени условите за пријавување на заинтересираните автори на поетски творби.
Право да конкурираат имаат поетите од Македонија и од Балканските земји, кои ќе се натпреваруваат во две возрасни категории, до 18 години и над 18 години. На конкурсот учествуваат со испраќање на три необјавени песни, не подолги од 32 реда, напишани на мајчин јазик (учесниците на кои македонскиот не им е мајчин јазик, задолжително доставуваат препев на македонски јазик).
Во однос на темата и формата на песните ограничувања нема. Творбите се испраќаат на електронската адреса на фестивалот: literaturniiskri@yahoo.com.
Пристигнатите песни ќе ги оценува стручна комисија, која освен избор на наградени, ќе направи и селекција на автори што ќе бидат застапени во заедничка збирка, алманах.
Рокот за пријавување е до 5 мај.
Инаку, Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ се организира во чест на 24 Мај, Денот на словенските просветители Св.Кирил и Методиј. Организатори се Здружението за култура „Дунек“ во соработка со Центарот за култура АСНОМ – Гостивар.
Меѓу наградените на фестивалот во претходните изданија се поетите: Стефан Марковски, Слаѓана Ставревска, Вања Савова (Бугарија), Невен Лукачевич (Хрватска), Кристина Мерклер и други.