Со цел да се охрабри дискусијата за слободата на медиумското изразување, да се разгледаат проблемите и да се предложат решенија, вчера во Холидеј Ин беше презентирана „Анализата за одредбите на Законот за граѓанска одговорност за навредата и клеветата“ во организација на Институтот за човекови права. Презентацијата беше организирана во рамки на проектот „Во насока на ефективна заштита на правото на слобода на изразување и слобода на медиуми во Република Македонија – идни предизвици” финансиски поддржан од Амбасадата на САД.
Пред поголем број новинари, професори, судии како и претставници на невладиниот сектор кои поставуваа прашања, судијката Маргарита Цаца Николовска исцрпно ја презентираше анализата на дел од одредбите на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Потоа се разговараше за проблемите со слободата на изразување и за можните решенија за надминување на истите.
Законот за граѓанска одговорност за навредата и клеветата беше донесен од Собранието без да се земат предвид поголемиот дел од укажувањата направени од Европскиот суд за човекови права и анализите, коментарите и дебатите на другите организации во однос на спорните одредби.