Во Битола се одбележува Меѓународниот ден на џезот со концерт на „Беличанска квинтет“

Со денешниот концерт на „Беличанска квинтет“, МКЦ – Битола (официјален УНЕСКО младински клуб) по шести пат се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот, 30 април.

Концертот ќе се одржи во битолскиот кафе бар „Камарите“  со почеток во 22 часот.

„’Беличанска квинтет’ е состав од искусни и докажани музичари од нашата џез сцена кој веќе 10-тина години е активен. Зад себе имаат многу настапи, концерти и фестивали во земјата и странство. Негува повеќе стилови почнувајќи од џез стандарди кои се изведени во нивни аранжмани, латин џез, фанк, соул, како и своја авторска музика“, велат од МКЦ Битола.

Квинтетот е составен од Јасмина Беличанска – вокал, Стефан Тасевски – алт и сопран саксофон, Горан Димитровски – бас гитара, Ристо Крстевски на клавијатури и Зоран (Озо) Ристевски на тапани.

„Овој концерт по шести пат ја става Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани“, соопштува МКЦ Битола.

Настанот е дел од глобалната акција за прослава на Меѓународниот ден на џезот кој вклучува настапи и концерти во преку 100 земји во светот.

„Овој ден ги сплотува нациите и општествата прославувајќи ја уметноста на џезот, потенцирајќи ја неговата важна улога во охрабрувањето на дијалогот меѓу културите и цивилизациите, промовирајќи го човековото достоинство“, стои во соопштението за настанот.