Со 61 глас „за“ и 24 гласа „против“ на денешната 45. седница на Собранието е донесен Законот за високо образование.
Процедурално координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, рече дека нема да гласаат за Законот за високото образование бидејќи не бил прифатен ниеден од амандманите што ги поднеле како партија.
Според него, многу аналитичари и експерти во оваа област сметаат дека со ова законско решение, високообразовниот систем во Македонија се враќа триесетина години наназад. Тој на почетокот на денешната седница порача дека власта мора да престане со „штанцање“ закони, за што, како што рече, предупредила и Европската Комисија.
Предлогот за новиот Закон за високо образование претходно беше објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР по што се одржаа јавни дебати за предлози за негово подобрување.
Со овој закон се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите, признавањето на странските високообразовни квалификации и надзорот над работата на високообразовните установи.
Покрај Законот за високо образование, пратениците гласаа и за измените и дополнувањата на законите за судовите, за Судскиот совет, за оружјето и за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и за НБРМ, за класифицирани информации, за оружје и за ловство. Собранието по скратена постапка ги донесе измените и дополнувањата на законите за ревизија, за хартии од вредност, за Кредитно биро и за технолошки индустриски развојни зони.
На денешната седница претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја констатираше оставката на Ѓорги Сламков од функцијата претседател на Комисијата за заштита на првото за слободен пристап до информациите.