„Шестата психоделична сесија е резервирана за двајца музички ветерани кои за наше и ваше посебно задоволство се спремни да понудат уникатни диџеј сетови“.
Вака организацијата „Loomynum Art Club Macedonia“ ja најавува претстојната журка во петок (4 мај) во клубот „Капан ан“, каде музика ќе пуштаат Мирко Попов и Oldboy / Autmind (Ж’ба).
Мирко Попов купува плочи уште од почетокот на 80-те. Првиот официјален диџеј букинг му е 1992, а низ годините е активен преку култото радио Канал 103. Во 1995 го формира ПМГ Колектив, како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната културна состојба. Наскоро се раѓа и ПМГ Рекординг, независна дискографска куќа, со повеќе од 150 изданија.
Попов има издадено 13 албуми со три различни проекти, а сними музичко парче и со џез бендот Sethstat. Постојано е активен како диџеј, продуцент, настапува како актер, но пишува и музика за театар и филм.
Кога ќе се спомене Жарко Пејовски – Ж’ба, името асоцира на инди-составот Autmind, кој издава музика токму за ПМГ Рекордингс. Диџеј Ж’ба јавноста го памети и како краткотраен вокалист на Suns, но и како еден од култните скопски диџеи во деведесеттите (Аратат, Тиква Зелена).
Исто како Попов, и тој е неизоставен дел од урбаната сцена во Македонија.
За визуелизациите на журката е задолжена Дани Мизуки. Постерот е на Благоја Којчиновски.
Влезот за настанот е 150 денари.