Ретроспективна изложба на Ѓорѓи Здравев во КИЦ

Ретроспективната изложба на Ѓорѓи Здравев (1941-2007) вечерва ќе биде отворена во Културно-информативниот центар-Скопје.

На изложбата ќе бидат презентирани цртежи и скици за филмска, телевизиска и театарска костимографија, како и неколку костими – експонати од богатото творештво на овој реномиран уметник, костимограф, етнолог, професор.

Ѓорѓи Здравев е меѓу ретките истражувачи и теоретичари на етнографските и естетските карактеристики на македонската народна носија и целокупното текстилно народно творештво. За време на својот работен век извршил обемни теренски истражувања низ цела Македонија, проследени со детална обработка на материјалите.

На тој начин успеал да создаде сопствена база и мислење за процесите поврзани со појавата, развојот и губењето на народната носија како симбол на македонските етнички заедници, групи и подгрупи со локални обележја во рамки на македонската етничка култура.

Во големиот и значаен творечкиот опус на Здравев влегуваат повеќе од 50 театарски претстави, што тој костимографски ги обликувал.

Изложбата ќе биде отворена до 15 мај годинава.