Веќе три месеци нема интернет за студентите по информатика и туризам кои престојуваат во студенскиот дом „Никола Карев“ во Охрид, јавува Плусинфо.
Во изјава за порталот, директорот на домот Марјан Ристовски вели дека проблемот е многу сложен, а настанал поради административните лавиринти од кои не знаат како да излезат.
„Проблемот е од техничка природа. Опремата ни е подарена од Владата на Република Македонија. Но, бидејќи е донација, не се знае кој е одговорен да го среди сега овој проблем. Опремата која ја имаме е премногу скапа. Побаравме помош од многу институции, но засега нема решение“, вели Ристовски.
Студентите по информатика се револтирани, бидејќи како што велат, поголемиот дел од нивното образование зависи токму од интернетот.
„Нема интернет со месеци. И додека имаше, беше спор. Во 21 век, кога интернетот е секојдневна потреба за студентите по информатика, ние студираме без интернет“, пишуваат тие во својот допис до Плусинфо.