На спортскиот аеродром „Стенковец“ викендов ќе се одржи третиот по ред Интернационален собир на моделари и размена на искуства од ревијален вид со презентација на радио контролирани воздухопловни модели – „МАЈФЛАЈ“ Стенковец.
На настанот е најавено ревијално шоу летање на радио контролирани модели на авиони, едрилици и хеликоптери, од пилоти кои се прваци во своите категории, како и трка со дронови, во рамки на државното првенство и МајФлај куп.
Настан од отворен карактер на кој ќе се прикажат сите категории на радио контролирани модели, ќе се презентираат достигнувањата на македонските моделари и пилоти, ќе се споделат нивните искуства, но и ќе се разменат со искуствата на интернационални моделари и пилоти учесници во натпреварувачки и ревијални собири од интернационален карактер.
Преку овој настан се промовира бенефитот и уникатноста на радио контролираното моделарство како спорт и хоби, со цел да се прошират и зацврстат долгорочните врски со интернационални и регионални клубови и нивните членови.
Настанот во сабота и недела (12 и 13 мај) ќе трае од 11 до 18 часот.