Американските диџеи Rashad и Spin, кои се меѓу најактуелните претставници на светската џук/футворк сцена ќе настапат на годинешното издание на фестивалот „Здраво Млади“ во Младинскиот културен центар, на 17 мај.
Оваа концертна сезона чикашките мајстори на грамофоните ќе одржат само три ексклузивни европски настапи, а еден од нив ќе биде во Македонија. Тие ќе настапат на 17 мај со двочасовен сет во денсинг-салата на МКЦ. На фестивалот, во чиј фокус се свежата музика и новите светски и домашни изведувачи, концерт ќе одржи и скопската хип-хоп група „Green Out“. Веќе е познато дека на сцената ќе се појави и носталгичната инди-поп музичарка Michelle Gurevich, која настапува под уметничкото име Chinawoman.
Џук/Футворк почна како експериментална визија на неколкумина чикашки продуценти кога класичниот чикашки хаус еволуира во средината на 90-тите. Со спектакуларна прецизност и енергија, диџеите Rashad и Spinn отворија ново поглавје во современата соул, фанк и диско-музика создавана на доминантните хаус-принципи. Иако на музичката сцена е присутно од почетокот, ова дуо е интернационално признато дури откако потпиша за познатата дискографска куќа „Планет Му“ од Лондон. Тогаш малите продуценти од Чикаго се најдоа на компилациите Bangs и Works Vol.1 и Vol.2.
Во прилог на светското инстант-препознавање доаѓа и компилацијата Just A Taste Vol. One на DJ Rachad. Албумот Teklife Volume 1 – Welcome To The Chi на дуото, кој излезе во 2012 година, ја заокружува приказната за новото електронско чудо наречено џук/футворк. Новиот бран на глобалната електронска „денсманија“ овие години е во знакот на чикашките продуценти.
Во „Green Out“ се Антонио Арангеловиќ – Тонио Сан, Владимир Пешков – ЛД Пистолеро и Ненад Стефаноски – Брус. Својот деби-албум „Некои скопски бандити“ го објавија во 2009 година под етикетата на „Шурикен рекордс“, а годинава се очекува нивното второ издание. Сите тројца се дел од креативниот колектив „Легијата“, но паралелно работат на свои проекти. Тонио Сан лани го објави својот трет студиски албум „Синтеза на ум и меч“, а Брус е главната креативна сила на составот „Foolish Green“, кој на 15 март со концерт ќе го промовира деби-изданието Escape.
Извор: Дневник