Иницијативи за подобро образование, родова еднаквост, контрола на политичарите и потенцијалот на младите во општество беа темите кои се дискутираа со речиси 400 посетители на ENGAGE Конференцијата за друштвен активизам и Аргумент: Организирано изразување, вчера во Музејот на современа уметност. Настаните беа организирани од Младински образовен форум и Радио МОФ во соработка со Фондацијата Отворено општество – Македонија.
На ENGAGE aктивисти, уметници и ангажирани граѓани зборуваа за начините на кои прават промена. Денот заврши со вечерната дебата Аргумент: Организирано изразување на тезата „Овој Дом верува дека држава со ваква младина (не) треба да се грижи за својата иднина“. На дебатата се зборуваше – какви млади создава македонското општество, дали иднината која претстои е иселување и разочараност или пак ќе има промена во квалитетот на живот и ќе надвладее чувството за промена на општеството кон подобро.
На ENGAGE Ирена Цветковиќ и Румена Бужаровска како дел од тимот зад кампањата #сегакажувам со која се скрши молкот за сексуалното вознемирување посочија дека голем дел од споделените приказни потекнуваат од образовни институции, но и работното место и домот.
„Ако не можеме да видиме што нашите политичари работат, зборуваат и прават, ќе биде тешко да ги држиме одговорни“, кажа Мифонви Никсон за причината поради која го имаат создадено сајтот „Тие работат за тебе“ за следење на работата на пратениците во Обединетото Кралство.
Директорот на училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“ Алвин Салимовски сподели дека само 15 Роми имаат завршено на Музичката академија.
„Лошата економска состојба на родителите ги ограничува можностите на децата и го прави музичкото образование невозможен детски сон“ кажа тој за причината поради која го основале бендот Рома Рок Скул.
Режисерот Ѓорче Ставески сподели „Сите ме прашуваат зошто сум се’ уште тука. Се надевам некои работи ке се поправат и ќе можеме да живееме поубави животи овде“.
Средношколците Андријана Пејчиновска и Жељко Ненадиќ раскажаа како го организираат настанот OrceTalks за попрогресивно училиште. Арбер Салиху кажа како од напуштена зграда е создаден автономен културен простор Тремокис во Приштина. Елтон Баџаку го презентираше својот филм Скандал. Петар Ниновски ја сподели апликацијата komunicira.me со која може да се научи знаковен јазик. Сите говори на ENGAGE можат да се видат на: https://engage.mk/live/
На дебатата Аргумент: Организирано изразување, на тезата „Овој Дом верува дека држава со ваква младина (не) треба да се грижи за својата иднина“, аргументираа Бесфорт Идризи, Славчо Димитров и Тања Царовска наспроти Ивана Туфегџиќ, Аделина Марку и Коста Петров.
Целта на овие настани, како што велат од МОФ, е да се изгради култура на дијалог и аргументирана дебата но и да поттикне креативност во пристапот кон решавање на граѓанските проблеми и активизмот. ENGAGE и Аргумент се дел од серијата настани организирани по повод одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество – Македонија.