Сколовранец, славејче, полска врана, лазач – се дел од птиците кои денеска ги набљудувавме со двоглед во Градскиот парк во Скопје заедно со Македонското еколошко друштво во рамки на нивната бесплатна едукативна тура по повод Светскиот ден на птиците преселници.
Водичот Данка Узунова, зборуваше за карактеристиките на секоја од птиците која беше забележана, како и за важноста и предизвиците со кои се соочуваат птиците преселници за време на нивната преселба.
„Знаеме од основно училиште дека на пролет доаѓаат ластовичките и штрковите, тие ја означуваат пролетта, си заминуваат на есен. На пример, селската ластовичка, односно ластовичката што сите ја знаеме, доаѓа од Централна или Јжна африка, исто како и штрковите. Значи, тоа се растојанија што се поголеми од 30 000 километри. За време на тоа прелетување, кога доаѓаат на нашата територија, мора да имаат одмаралишта, каде прават обнова на храна, се одмараат… Но, во тој долг патат се среќаваат со секакви земји, традиции и култури“, објасни Узунова.
„На пример, некаде се случува да имаат колизија, или судир со жици од енергетска структура, односно да имаат струен удар. Може да се мета на ловџии, особено поголемите видови птици. Има одредени народни суеверија дека тие птици треба да се ловат. Исто имаме труење, губење на живеалишта кои тие претходно го користеле..“, продолжи таа.
Во однос на урбанизацијата, Узунова вели дека понекогаш помага, но само кај одредени птици кои своите гнезда ги поставуваат на крововите или бандерите. Во останатите случаи, како при прекумерно градење, пресушување на блатни површини или пак несоодветно користење на водите, може да биде катастрофално за нив.
Денешната тура е прва од ваков тип што ја организира друштвото, па поради големиот интерес таа мораше да се одвива во повеќе термини. Возраста на учесниците варираше, исто како и нивното познавање за птиците. Но, токму тоа е целта на овие тури, вели Узунова, да поттикнат интерес кај луѓето за да дознаат нешто повеќе за птиците.
„Во моментот кога го објавивме настанот, за два дена ни се пополнија сите 40 места“, истакна таа.
„Тоа е добро, бидејќи колку порано деца имаат интерес за птици и природа, толку подобро ќе биде понатаму. Можеби нема да станат еколози или биолози, но ќе ја пренесат пораката за заштита на птиците и зошто се тие важни“, смета Узунова.
Таа најави дека вакви едукативни тури ќе има секој месец, но повеќе информации наскоро ќе има на нивната Фејсбук страница.
Емилија Петреска