Дури 29 отсто од високообразованите лица живеат надвор, а 85 проценти од младите во завршни студиски години се изјасниле дека својата иднина ја гледаат вон границите на државата, се вели на веб страницата на Mинистерството за образование и наука. Загрижувачките податоци биле повод Министерството да креира нацрт-национална стратегија за намалување на одливот на високообразован кадар и за вмрежување и соработка 2013-2020.
Според експертите, причините за одливот на македонските мозоци треба да се бараат во привлечноста на поголемите плати во другите земји, подобрите услови за работа и подобро организирана средина, за разлика од домашните ниски плати, економската нестабилност и неизвесност и малку можности за напредок во кариерата.
„Нема стратегија што на краток рок може да го реши проблемот со платите и затоа се фокусиравме на другите причини – условите, организацијата и напредокот во кариерата. Целта е економски развиена Република Македонија и повисока стапка на вработеност“, смета консултантот Глигор Стојков.
Нацрт-стратегијата е составени од заклучоците добиени при консултирање на четири групи: студенти во завршни години од студиите, претставници на универзитетите, приватниот сектор и лица кои биле на студии во странство.
За имплементација на стратегијата ќе бидат преземени буџетски средства кои се предвидени во донесената Стратегија за иновации, кои меѓу себе се усогласени и комплементарни. Проекциите за 2013 се 530.000 евра, за идната година 1,1 милион евра и 2,2 милиони евра за 2015 година.
Министерот за образование и наука, Панче Кралев изјави дека секој заинтересиран граѓанин може да се произнесе за нацртот пред документот да биде усвоен од Владата, се вели на веб страницата на МОН.
„Пакетот мерки во двете стратегии – во оваа и во Стратегијата за иновации, треба да овозможат добра основа за намалување на одливот на кадар, но и за помагање на развојот на македонската економија низ мерки и активности што ќе бидат спроведувани во следните години“, рече Кралев.
Во нацрт-стратегијата се дефинирани четири приоритети, кои содржат повеќе мерки за намалување на одливот на мозоци со тоа што ќе се зголеми атрактивноста на Македонија како место за работа и за ангажман на млади високообразовани лица.