На големата сцена на Македонската опера и балет, вчеравечер, по втор пат се одржа големото училишно шоу „10-ка за Карпош – Наставниците на сцена“, со што се заокружи учебната 2017/2018 година.
Во салата присутните уживаа во музичките и драмските перформанси на учениците, родителите и наставниците од сите десет основни училишта во Карпош.
„На големата сцена исполнета со блескава кореографија, учесниците ја покажаа својата креативност и енергија која е плод на континуираната работа низ изминатите месеци. Доминираа музички точки од популарни мјузикли, евровизиски хитови, од актуелните македонски и странски изведувачи“, соопштуваат од Општина Карпош.
Првото место го освоија изведувачите од ООУ „Вера Циривири – Трена”, кои ја интерпретираа популарната „Careless Whisper“ од Џорџ Мајкл, второто место беше доделено на ООУ „Владо Тасевски” кои играа на точка од култниот мјузикл „Брилијантин”, а третото место им припадна на ООУ „Димо Хаџи – Димов” со перформанс од мјузиклот „Мама Миа”.
Инаку, проектот „10-ка за Карпош“ е поддржан од Советот на Општина Карпош, кој се одвиваше во неколку фази: најуспешен проект, најдобра сторија, најубаво уреден училишен двор и наставниците на сцена. Примарната цел на овој проект е да се зацрврсти соработката меѓу учениците, наставниците и родителите во сите основни училишта во Карпош.